https://www.youtube.com/watch?v=QdzhxdfpNNY
НАШЕТО МОТО

СЕКОЕ ДЕТЕ ИМА ПРАВО ДА СЕ ЧУСТВУВА БЕЗБЕДНО!

НЕСООДВЕТНА ЕДУКАЦИЈА Е КОРЕНОТ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО! ЕДУЦИРАЈ СЕ И БИДИ ДЕЛ ОД ПРОМЕНАТА!

ЗА НАС

Нашиот културен центар веќе шест години активно работи на полето на танцот и аудио-визуелните уметности. Меѓу поголемите проекти кои би ги издвоиле се двете танцови претстави „Издигнување“ (2013 година – премиера на Танц Фест) и „Делови“ (2016 година – премиера на катната гаража „Македонска Фаланга“).

Исто така, нашиот центар е креатор на единствениот танцов камп во Македонија „Битрикс Танцова Лига“, на кој досега гостувале танчери и кореографи од: Холандија, Швајцарија, Италија, USA, Германија, Грција, Естонија, Србија, Украина и сл.

Tанчерите на Битрикс се повеќекратни шампиони на домашни, регионални и меѓународни натпревари, а како најзначајни достинувања би ги издвоиле двете вицешампионски места на ESDU Светското првенство во модерни танци во 2015 и 2017 година, како и наградата за најдобра кореографија во цела категорија на истото првенство, во конкуренција од над 50.000 учесници.

Кореографите на Битрикс се креатори на огромен број перформанси, тв реклами, и концепти за компании како: Vip Оператор, Timberland, Replay, Shwarzcopf, Apple, Seavus, Noiland, Buzz Sneaker Station, Nike, T-Mobile Оператор, Винарија Тиквеш, итн. Нашата работа е запишана и во видео-записите на многу македонски музички артисти како: Елена Ристеска, Александар Тарабунов, Алтуна Сејди, Адријан Гаџа, Наташа Малинковиќ, Антонија Гиговска, Панчо ДНК, Гоце САФ, итн, а нашите концепти бројат многу танцови видеа во сопствена режија.

Во последните години сме активни во создавањето на големи уметнички проекти/перформанси, па така моментално нашиот фокус е насочен кон претставата “Тишина” .

ЗА ТИШИНА

Проектот “Тишина” е нашата најнова уметничка креација, создадена и инспирирана од нашите животни приказни. Истовремено, претставата е една наша внатрешна борба за надминување на сопствените животни стеги, но и еден прозорец за светот да погледне низ призмата на нашите очи.

“Тишина” преку еден танчерски концепт ја разработува тематиката на семејно насилство каде децата се појавуваат во улога на пасивни или активни жртви, а го носи даденото име поради тоа што жртвите на семејно насилство најчесто живеат со овој проблем молчејќи. Тоа е впрочем и причината поради која често остануваат незабележани и несоочувањето со проблемот, што од страв, што од срам, а што од финансиска немоќ, ги доведува во состојба на долгогодишно измачување. Најчесто страдаат жените и децата, а кај децата последиците на семејно насилство имаат долгорочни последици и влијание врз нивниот психолошки и/или физички развој.

Претставата е еден аудивизуелен перформанс во кој склоп на разни уметности (танц, видео и акапела музика) ќе создадат една целина и приказ на реални ситуации од семејно насилство Во перформансот се вклучени уметници и соработници од разни области со цел соодветно да се прикаже разработената тематика, а меѓу нив се појавуваат: кореографите Ивана Балабанова и Леонардо Хусеини а во една од точките и Бојан Мицев, 31 танчер од Битрикс Културно-уметнички центар, психотерапевтот Тина Васков, видео-продукцијата Марсбен, Ана Стојковска (графички дизајн), Наташа Бабулова (костимограф), Иван Петровски (музичка продукција), Стефан Манасиевиќ, Матеј Петров, Маја, Искра Мицковска, Полина Тасевска, Дамјан (вокали), Ивона Попчевска и Томислав Балабанов (техничка поддршка).

Меѓу поглавните улоги во претставата се појавуваат: Леонардо Хусеини, Ивана Балабанова, Ана Ковачка, Бојан Киселички, Стефани Пецалевска, Бојан Мицев и Јоана Попоска.

НАШАТА МИСИЈА

Во земја во која семејното насилство, особено она вез децата е се уште “табу” тема за која ретко се зборува и во свет во кој граѓанската одговорност е сведена на минимум, децата се оставени незаштитени и отсечени од нивното законско право за безбедност и мир.

Недоволната општествена едукацијата е коренот на семејното насилство и е причината поради која прагот на толеранција за тоа “што е насилство” е многу висок. Нашата мисија е да им овозможиме на луѓето од блиску да посведочат што е она на кое секојдневно премижуваат и го одобруваат, и какви последици има тоа за секое дете, со што би предизвикале тие да преминат од една состојба на пасивност во активно справување со ваквиот проблем.

Нашата цел е да допреме до што поголема бројка на граѓани и да ги освестиме со цел да можат проактивно да дејствуваат во иднина доколку забележат насилник и/или жртва. Истовремено, наша цел е од блиску да ги прикажеме ефектите од животот исполнет со насилство врз психолошкиот и физичкиот развој на едно дете, како и меѓугенерациското наследување на таквото однесување и пренесување на ефектите.

НАШИ ПРОЕКТИ

Наши Партнери

КОНТАКТ